• Почетна
  • Влијанието на загадениот воздух врз здравјето на младите во Скопје

Оваа студија на случај го прикажува влијанието на загадениот воздух врз физичкото и менталното здравје на младите во Скопје, преку лично искуство и податоци од акциско истражување. Таа отвора прашања за здравствената ранливост, секојдневните ограничувања и потребата од системски и заеднички решенија.

blog-thumb

Загадениот воздух е секојдневна реалност за голем број млади во Скопје. Оваа студија на случај го става во фокус искуството на млад човек кој живее со хронично респираторно заболување и директно ги чувствува последиците од високото загадување на воздухот, особено во зимските месеци.

Преку неговото сведоштво се прикажува како загадувањето не влијае само врз физичкото здравје, туку и врз менталната состојба, образованието, социјалниот живот и можностите за активно учество во заедницата. Тешкото дишење, честите здравствени напади, стресот и анксиозноста стануваат дел од секојдневието, а излегувањето надвор честопати се доживува како ризик, а не како право.

Податоците од акциското истражување „Од различност до праведност – еднакви во правото на здрава и одржлива животна средина за сите“ (2024) покажуваат дека повеќе од половината млади во Северна Македонија живеат во средини со висок степен на загаден воздух. Младите од урбаните средини се значително повеќе изложени на загадување во споредба со оние од руралните подрачја. Речиси сите млади препознаваат дека нечистата животна средина има негативно влијание врз нивното физичко здравје, а секој трет смета дека таа целосно го нарушува и нивното ментално здравје.

Студијата на случај не нуди едноставни решенија, но ја нагласува важноста на малите, секојдневни чекори и колективното дејствување. Користењето јавен превоз и велосипед, поддршката на обновливи извори на енергија и активно граѓанско учество преку јавни иницијативи и протести се препознаваат како начини преку кои младите можат да придонесат за почиста животна средина и подобро здравје.

Оваа студија отвора поширока дискусија за правото на чист воздух како основно човеково право и за одговорноста на институциите, но и на општеството во целина, да создаде услови во кои младите ќе можат безбедно да живеат, учат и се развиваат.

📘 Прочитај ја целосната студија на случај тука.

ℹ️ Студијата е изработена во рамки на проектот „ЗЗЗ – Заеднички за Зелено Застапување за Заштита на Животната Средина“, финансиран од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas, и реализиран од Центар за младински активизам КРИК, Center for Social Initiatives “Nadez” и Здружение на социјални работници на Македонија – ЗСРМ.

Ставовите изразени во публикацијата се единствена одговорност на авторите и не ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија, Civica Mobilitas или организациите што ја спроведуваат програмата.