
Селектирањето и рециклирањето на отпадот сè уште претставуваат сериозен предизвик во многу локални заедници во Северна Македонија. Оваа студија на случај го прикажува искуството на средношколец од Гостивар кој, заедно со своите соученици, преку училишни активности се обидува да ја подигне свеста кај младите за значењето на правилното управување со отпадот.
Преку организирана работилница, младите учесници зборуваат за тоа како го перципираат проблемот со отпадот и зошто рециклирањето сè уште не е дел од нивните секојдневни навики. Студијата укажува на неколку клучни проблеми: недоволна информираност за сериозноста на загадувањето, недостиг на практично знаење за правилно селектирање отпад, како и недоволна инфраструктура – особено недостаток на соодветни контејнери за различни видови отпад.
Голем дел од отпадот во земјата завршува на депонии, што има долгорочни негативни последици врз почвата, водата, воздухот и природните ресурси. Ова директно влијае врз квалитетот на животот, но и врз еколошката иднина на младите генерации.
Студијата на случај, покрај идентификување на проблемите, нуди и насоки за дејствување. Таа ја нагласува важноста на врсничката едукација, организирањето локални акции за собирање и селекција на отпад, користењето на социјалните мрежи како алатка за информирање и ангажирање, како и соработката со општините за подобрување на условите за рециклирање.
Најважната порака е дека промената започнува од поединецот. Со личен пример – дома, на училиште и во заедницата – младите можат да станат двигатели на позитивни еколошки промени и да придонесат кон поодржлива и почиста животна средина.
📘 Прочитај ја целосната студија на случај тука.
ℹ️ Студијата е изработена во рамки на проектот „ЗЗЗ – Заеднички за Зелено Застапување за Заштита на Животната Средина“, финансиран од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas, и реализиран од Центар за младински активизам КРИК, Center for Social Initiatives “Nadez” и Здружение на социјални работници на Македонија – ЗСРМ.
Ставовите изразени во публикацијата се единствена одговорност на авторите и не ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија, Civica Mobilitas или организациите што ја спроведуваат програмата.