• Почетна
  • Добро владеење, човекови права и климатски предизвици: перспектива на младите од руралните средини

Оваа студија на случај ја отвора темата за поврзаноста меѓу климатските промени, пристапот до услуги и човековите права на младите во руралните средини. Преку лична перспектива, се нагласува потребата од инклузивни политики, подобра инфраструктура и навремена институционална поддршка.

blog-thumb

Климатските промени не ги погодуваат сите еднакво. За младите кои живеат во рурални средини, тие често значат дополнителни ризици, ограничен пристап до услуги и поголема ранливост во секојдневниот живот.

Оваа студија на случај го става во фокус искуството на млад човек од Пелагонискиот регион, кој се соочува со повеќекратни предизвици — од ограничен пристап до јавни услуги, здравствена заштита и образование, до зголемени ризици поврзани со екстремни временски појави како суши и поплави.

Преку неговата перспектива се истакнува дека здравата животна средина не е само еколошко прашање, туку основно човеково право. Кога инфраструктурата е недоволно развиена, јавниот превоз недостапен, а превентивните мерки за климатски ризици ограничени, директно се загрозуваат правата на безбедност, здравје и пристап до ресурси како вода и храна.

Студијата укажува дека во руралните области честопати недостига системска поддршка и навремени инвестиции, што ја зголемува ранливоста на младите, особено во услови на климатски промени. Воедно, се нагласува дека иако правата се гарантирани со меѓународни документи, нивното практично остварување не е секогаш еднакво достапно за сите.

Како насоки за подобрување, студијата ги издвојува следните препораки:

  • Достапни информации: развој на инклузивни информативни ресурси и кампањи прилагодени за сите, особено за лицата со попреченост;
  • Инклузивна инфраструктура: инвестиции во пристапни патишта, живеалишта и јавен транспорт, особено во руралните средини;
  • Поддршка од властите: креирање стратегии за климатска отпорност што ги земаат предвид потребите на ранливите групи, особено при природни катастрофи.

Пораката од оваа студија е јасна: праведната зелена транзиција мора да ги вклучи и руралните заедници. Само преку координирано дејствување, инклузивни политики и континуирани инвестиции може да се обезбедат еднакви услови за здрав, безбеден и достоинствен живот за сите млади.

📘 Прочитај ја целосната студија на случај тука.

ℹ️ Студијата на случај е изработена во рамки на проектот „ЗЗЗ – Заеднички за Зелено Застапување за Заштита на Животната Средина“, финансиран од Владата на Швајцарија преку „Цивика мобилитас“, што го спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС, НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска.

Ставовите изразени во публикацијата се единствена одговорност на авторката и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат програмата.