Благодарение на меѓусебната докажана доверба и успешната соработка, Воспитно-поправниот дом Тетово повторно ги отвори своите врати за ЦСИ Надеж, овозможувајќи реализација на уште една значајна иницијатива насочена кон развојот и поддршката на младите.

blog-thumb

Во рамки на проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување“, во периодот од март до мај 2026 година беа реализирани пет работилници под наслов „Еко терапија низ компостирање“, во кои активно учествуваа 28 штитеници од ВПД Тетово.

Целта на иницијативата беше да придонесе кон развој на одговорност, соработка, практични вештини и еколошка свест кај младите. Преку различни едукативни и практични активности, учесниците стекнаа знаења за правилно управување со органски отпад, развивање грижа за животната средина и градење позитивни навики кои можат да ги применуваат и во иднина.

Во текот на работилниците, младите имаа можност да се вклучат во разновидни активности, меѓу кои:

* Едукативни и практични сесии за компостирање и подигнување на еколошката свест;

* Развивање идеи и креирање лого и бренд за производот – компост;

* Изработка на амбалажа преку практични активности за шиење;

* Изработка и креативно уредување на садници од пелети;

* Садење цвеќиња и билки за понатамошна употреба во изработените садници.

Покрај едукативниот и практичниот аспект, активностите беа збогатени со континуирана психосоцијална поддршка. Преку активности за препознавање и регулирање на емоциите, како и техники на водена визуализација инспирирани од природата, учесниците добија можност да работат и на својата емоционална благосостојба.

Сите активности се одвиваа во природна средина, која се покажа како безбеден и поттикнувачки простор за учење и личен развој. Природата придонесе за чувство на смиреност, намалување на стресот и несигурноста, како и за поттикнување на креативноста и личното изразување.

За учесниците, овие работилници претставуваа многу повеќе од обични активности. Тие создадоа простор каде што младите можеа да почувствуваат припадност, прифатеност, поддршка и можност за личен раст.

Активноста беше реализирана во соработка со Здружението за креативна одржливост „Комбо“ од Скопје, чија поддршка и експертиза придонесоа за успешно спроведување на иницијативата.

На крај, упатуваме искрена благодарност до Воспитно-поправниот дом Тетово за довербата и несебичната поддршка, а особено до раководителката на секторот за ресоцијализација, Наташа Ристовска, чија посветеност овозможи оваа иницијатива да стане реалност и да остави позитивно влијание врз младите учесници.

Активноста е дел од проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“, финансиран од Embassy of Switzerland in North Macedonia програмата Civica Mobilitas, а реализиран од Центар за младински активизам КРИК, Center for Social Initiatives “Nadez” и Здружение на социјални работници на Македонија– ЗСРM.