• Почетна
  • Награди или казни? Што навистина функционира во заштитата на животната средина

Оваа студија на случај ја истражува дилемата дали казнените мерки или позитивните поттикнувања се поефикасни во справувањето со загадувањето и климатските предизвици, преку ставовите на младите и конкретни примери од праксата во Северна Македонија

blog-thumb

Како да се поттикне поодговорно однесување кон животната средина?

Дали преку построги казни или преку наградување на позитивните еколошки практики?

Оваа студија на случај, дел од анализата „Од различност до праведност – еднакви во правото на здрава и одржлива животна средина за сите“, ја отвора токму оваа дилема преку искуствата и ставовите на младите од сите осум плански региони во Северна Македонија.

Младите вклучени во фокусните групи се поделени во мислењата. Дел од нив сметаат дека поригорозните казни за загадувачите – и за поединци и за правни субјекти – се неопходни за да се воспостави ред и одговорност. Тие укажуваат дека токму постоењето на јасни санкции во други земји придонесува за повисока еколошка култура.

Други, пак, веруваат дека позитивниот пристап и наградувањето на еколошкото однесување имаат подолгорочен ефект. Според нив, поттикнувањето преку ваучери, поени, попусти или поддршка за еколошки иницијативи создава мотивација и чувство на лична одговорност, наместо страв од казна.

Студијата ги прикажува и постоечките практики во земјата, како што се:

  • системи за наградување при селектирање отпад,
  • апликации и сервиси што мотивираат рециклирање,
  • механизми за пријавување и санкционирање на загадувањето на локално ниво.

Преку овие примери, студијата укажува дека најодржливи решенија се оние што комбинираат јасни санкции со добро осмислени позитивни поттикнувања, како и транспарентни и достапни механизми за граѓанско учество.

Наместо едноставен одговор, оваа студија на случај нè повикува на поширока дебата за тоа како институциите, општините и заедниците можат заеднички да создадат поефикасен и поправеден систем за заштита на животната средина.

📘 Студијата на случај е достапна на четири јазици – македонски, албански, ромски и англиски.

👉 Прочитај ја целосната студија на случај тука

ℹ️ Студијата е изработена во рамки на проектот „ЗЗЗ – Заеднички за Зелено Застапување за Заштита на Животната Средина“, финансиран од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas, што го спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС, НИРАС (Данска) и ФЦГ (Шведска).

Ставовите изразени во оваа публикација се единствена одговорност на авторите и не ги одразуваат ставовите на Владата на Швајцарија, Civica Mobilitas или организациите што ја спроведуваат програмата.