• Почетна
  • Тродневна обука за зелено застапување успешно реализирана во Струмица

Во периодот од 12 до 14 мај 2025 година, во Струмица се одржа тридневна обука на тема „Зелено застапување преку зелена социјална и младинска работа“, како дел од проектот „ЗЗЗ – Заеднички за Зелено Застапување за Заштита на Животната Средина“. Обуката беше насочена кон унапредување на капацитетите на стручните работници, младински активисти, претставници на општини и даватели на социјални услуги за интегрирање на еколошката перспектива во нивната професионална работа.

blog-thumb

Прв ден – поставување основи

Обуката започна со воведна сесија и запознавање преку креативна активност. Следуваа тематски сесии посветени на значењето на заштитата на животната средина, правните аспекти поврзани со екологијата и основните поими од областа на социјалната заштита. Првиот ден беше насочен кон градење заедничка основа и разбирање на врските помеѓу екологијата и социјалниот развој.

Втор ден – поврзување на социјалната правда и екологијата

Преку тематски работилници и симулациски вежби, учесниците дискутираа за улогата на социјалната и младинската работа во справувањето со еколошките предизвици. Особено внимание беше посветено на концептот на социјална правда, како и на алатките за анализа на проблеми и потреби во заедницата, со цел подготвување за застапување базирано на докази.

Трет ден – планирање конкретни иницијативи

Фокусот на последниот ден беше на процесот на застапување: од дефинирање цели и мапирање засегнати страни, до развој на стратегии и комуникациски планови. Учесниците изработија нацрт-планови за локални зелени иницијативи, со акцент на мерливост, обезбедување ресурси и одржливост.

Обуката заврши со групна евалуација и договор за натамошна соработка во рамки на проектот, чија главна цел е да го внесе концептот на „зелена перспектива“ како составен дел од професионалната социјална и младинска работа – со цел унапредување на заштитата на животната средина и градење инклузивни општества.

Проектот “ЗЗЗ – Заеднички за Зелено Застапување за Заштита на Животната Средина” е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas, во партнерство со Центар за младински активизам КРИК, Центар за социјални иницијативи „Надеж“ и Здружението на социјални работници на Македонија – ЗСРМ.