• Почетна
  • Јазикот на промената – клучните термини од нашата зелена агенда

Во рамки на проектот „ЗЗЗ – Заеднички за Зелено Застапување за Заштита на Животната Средина“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas, во партнерство со Центар за младински активизам КРИК, Центар за социјални иницијативи „Надеж“ и Здружението на социјални работници на Македонија – ЗСРМ, спроведовме информативна и едукативна кампања на социјалните медиуми со цел да го приближиме јазикот на еколошката и социјалната правда до пошироката јавност.

blog-thumb

Целта на кампањата беше да ги претстави и објасни клучните термини кои произлегуваат од нашето истражување и програмските насоки на проектот. Овие термини претставуваат основа за разбирање на концептот на зелена социјална и младинска работа и се важни алатки за вклучување на еколошката перспектива во професионалната практика.

Кампањата ги опфати следните термини:

Зелена социјална работа – интегрирање на еколошката компонента во социјалната работа како неопходен елемент за општествена одржливост;

Социјална трансформација – процес на длабоки промени во насока на поправедно и инклузивно општество;

Еко-пријателски практики – секојдневни професионални и лични одлуки кои ја намалуваат штетата врз животната средина;

Цел на еко праксата – постигнување на хармонија помеѓу луѓето и природата преку професионална интервенција;

Еколошка неправда – нерамномерна распределба на еколошките ризици и последици, особено врз ранливите групи;

Климатска правда – концепт кој го поврзува климатското дејствување со човековите права и социјалната еднаквост;

Еко емоции – опсег на чувства предизвикани од свесноста за еколошките закани и промени;

Еко тага – чувство на жалост поради уништување на природата и загубата на биодиверзитетот;

Еко анксиозност – анксиозност и немир предизвикани од очекувањата за идни климатски и еколошки катастрофи;

Еко стрес – психофизички реакции на лицата изложени на континуирани еколошки проблеми;

Еко свест – способност за препознавање и разбирање на влијанието што луѓето го имаат врз екосистемите и обратно.

Со објавување на овие термини, кампањата поттикна размислување, дијалог и критичко разбирање на еколошките теми во социјалната и младинската работа. Информирањето и јакнењето на капацитетите на стручната јавност преку јазик кој ја одразува реалноста, се чекори кон системски промени и создавање на поправедни и поотпорни заедници.

Овие термини немаат само описна функција – тие се алатки за акција, анализа и застапување. Преку нив, ги именуваме предизвиците и ги формулираме решенијата. Јазикот што го користиме го обликува светот што го градиме. Затоа, остануваме посветени на споделување на знаењето што ја води промената.