• Почетна
  • ♻️ „Децата можат“ – младите од Буково во акција за почиста околина

Во декември 2025 година, во подрачното училиште „Коле Канински“ во селото Буково, Битола, се реализираше младинската иницијатива „Децата можат“, насочена кон подигање на свеста за заштита на животната средина и поттикнување на младите активно да се грижат за својата локална заедница.

blog-thumb

Иницијативата беше спроведена од Софија Мицкоска и Димитар Гогу, со поддршка од менторката Мила Карадафова Ангеловска. Во активностите учествуваа ученици, наставници и волонтери од ЕКЕ Битола, кои заеднички придонесоа за почиста и поуредена околина во училиштето и неговата околина.

Што се реализираше?

Активноста започна со кратка едукативна презентација за значењето на заштитата на животната средина и важноста од одржување на чиста околина. Учениците разговараа за негативните последици од фрлањето отпад, но и за одговорноста што ја имаат поединците, институциите, општините и надлежните служби во одржувањето на животната средина.

Посебен акцент беше ставен на улогата на младите како активни и одговорни членови на заедницата.

По едукативниот дел следуваше практична акција за чистење. Учениците добија демонстрација за безбедно користење на механички фаќалки за отпад, по што им беа поделени фаќалки и вреќи за отпад. Тие беа поделени во мали групи од два до три учесници и започнаа со чистење на дворот и околината на училиштето.

За само 20 минути беа собрани 25 вреќи отпад од по 30 литри, со што значително се подобри чистотата и изгледот на просторот. Учениците покажаа голем интерес и ентузијазам, а механичките фаќалки дополнително ја зголемија нивната мотивација за учество.

По завршувањето на акцијата, на учесниците им беше обезбедено освежување, а механичките фаќалки беа оставени во училиштето со цел учениците и наставниците да продолжат со вакви активности и во иднина.

Резултати и влијание

Преку иницијативата:

- 33 учесници беа директно вклучени (25 ученици на возраст од 11 до 14 години, 4 наставници и 4 волонтери од ЕКЕ Битола);

- беше исчистен дворот и околината на училиштето, при што беа собрани 25 вреќи отпад;

- кај учениците се зголеми свеста за важноста на заштитата на животната средина;

- младите добија практично искуство за активно учество во подобрување на локалната заедница;

- беше идентификуван и пријавен конкретен еколошки проблем преку платформата zzz.org.mk, преку што учениците се запознаа со механизмите за граѓанско учество и пријавување на проблеми од јавен интерес.

Предизвици и научени лекции

Во текот на реализацијата имаше мали логистички промени поврзани со локацијата и возраста на учениците, но тие беа успешно надминати.

Активноста покажа дека децата се особено мотивирани кога имаат можност директно да се вклучат во практични активности и кога им се обезбедуваат соодветни алатки. Исто така, се потврди дека ваквите акции имаат најголем ефект кога се прилагодени на интересите и реалните услови на учесниците.

Оваа иницијатива уште еднаш покажува дека кога младите добиваат простор, поддршка и знаење, тие можат да станат вистински двигатели на позитивни промени во својата заедница. 🌱

Активноста е дел од проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“, финансиран од Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Civica Mobilitas, а реализиран од Центар за младински активизам КРИК, Center for Social Initiatives Nadez и Здружение на социјални работници на Македонија – ЗСРМ.

#CivicaMobilitas #CHinMK