
На 6 декември 2025 година, во скопската населба Маџир Маало, се реализираше еколошката иницијатива „Еко Чистка“, како дел од активностите во рамки на проектот ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина.
Иницијативата беше спроведена од страна на Петар Стевановиќ од „За Почиста Македонија“ и Дијана Велковска, со менторска поддршка од Симона Петровска од ЦМА Крик, а имаше за цел отстранување на насобраниот отпад од кејот кај Маџир Маало и подигнување на јавната свест за заштита на животната средина.
Што беше постигнато?
На акцијата се приклучија учесници од различни генерации, на возраст од 24 до 46 години, кои заеднички успеаја да соберат повеќе од 50 црни ќеси (120 литри) отпад од ролерско-велосипедската патека долж кејот на Вардар.
Настанот доби и медиумска видливост преку најавување во утринската програма на Алфа ТВ, што придонесе за пошироко информирање и охрабрување на граѓаните да се вклучат во вакви еколошки акции.
Покрај директното чистење на просторот, иницијативата создаде и простор за заедничка дискусија и планирање на идни активности, при што учесниците изразија силна мотивација да продолжат со акции за подобрување на состојбата со отпадот во заедницата.
Предизвици и научени лекции
Во текот на организацијата се појавија потешкотии поврзани со навременото подигнување на собраниот отпад од страна на комуналните служби. Сепак, преку координација и споделување на точната локација, отпадот беше успешно преземен, што ја нагласи важноста на соработката меѓу граѓанските иницијативи и институциите.
Оваа иницијатива уште еднаш покажа дека заедничката акција, грижата за јавниот простор и граѓанската одговорност можат да создадат видливи промени во локалната средина и да поттикнат нови зелени иницијативи.
Иницијативата е реализирана во рамки на проектот „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“, финансиран од Владата на Швајцарија преку програмата Civica Mobilitas, и реализиран од Центар за младински активизам КРИК, Center for Social Initiatives “Nadez” и Здружение на социјални работници на Македонија – ЗСРМ.